Трамп: Мировен договор за Украина мора да се постигне до 8 август

Макфакс

31/07/2025

19:41

774

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека очекува договор за завршување на руската војна во Украина да се постигне најдоцна до 8 август, соопштија денеска САД пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

„И Русија и Украина мора да преговараат за прекин на огнот и траен мир. Време е за постигнување договор. Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека тоа мора да се случи до 8 август. САД се подготвени да преземат дополнителни мерки за да го обезбедат мирот“, изјави високиот американски дипломат Џон Кели пред Советот.

Трамп пред два дена најави дека САД ќе почнат да воведуваат царини и други мерки кон Русија за 10 дена, доколку Москва не покаже напредок кон завршување на војната во Украина. Киев и Москва досега одржаа три рунди разговори во Истанбул, кои резултираа со размена на затвореници и тела, но без конкретен напредок во смирувањето на војната што трае речиси три и пол години.

Заменикот на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, порача дека Русија планира да ги продолжи преговорите во Истанбул, но се пожали дека „на Запад и понатаму постои страна што ја поддржува војната“.

„Сè уште ги слушаме гласовите на оние кои сметаат дека дипломатијата е само начин да се критикува Русија и да се врши притисок врз неа“, рече Пољански.

Заменичката на украинскиот амбасадор во Обединетите Нации, Кристина Хајовишин, истакна дека Русија мора да се соочи со „единство, решителност и акција“.

„Бараме сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН – и ништо помалку. Повторуваме дека целосно, итно и безусловно примирје е клучно. Тоа е првиот чекор кон запирање на руската агресија врз Украина“, рече таа пред Советот за безбедност.