Ханси Флик за еден од најплатените играчи во Барса: Не добивам никаков сигнал дека сака да си замине

Дерби

30/07/2025

11:29

354

Големина на фонт

а а а

Барселона ја напушти Јапонија и ја продолжи пресезонската турнеја во Јужна Кореја, а по пристигнувањето во оваа земја, официјално соочување со новинарите имаше тренерот Ханси Флик.

Германскиот стручњак заврши извонредна работа во првата сезона како тренер на Барса и успеа да освои три важни титули, но и самиот е свесен дека работата ќе биде уште потешка во втората сезона, бидејќи сега сите ќе сакаат да го победат неговиот тим.

И покрај тоа што не се најактивни на трансфер пазарот, тимот на Ханси беше засилен со Жоан Гарсија, Маркус Рашфорд и Рони Барџи, па во ситуација кога се очекуваат и неколку заминувања до крајот на летото, повторно доста активно име е она на Роналд Араухо.

Уругваецот беше пред заминување во јануарскиот преоден рок, но по крајот на Суперкупот стави потпис на нов договор, за потоа повторно да се најде во втор план во вториот дел од сезоната.

Медиумите од Шпанија сметаат дека ова е вистинско време за Барса да заработи од Араухо, но Флик вели дека засега не добил никаков сигнал за заминување на стоперот.

– Секогаш има многу шпекулации за Араухо, но јас лично не сум добил никаков сигнал дека сака да си замине од тимот. Имаме одличен тим, со многу квалитет на сите позиции. Сите позиции ни се покриени со двајца играчи, а на некоја имаме и по тројца. Не е лесно да се изменаџира од моја страна, но задоволен сум од тоа што го имам, – изјави Германецот во Кореја.

Араухо е еден од најплатените играчи во Барселона со 12,5 милиони евра по сезона, сума која е идентична на онаа која ја заработува и Педри.