Милошоски за Коцевски: Најдобро е да си поднесе оставка, бидејќи спонзорството од ДУИ и СДСМ само ќе му го руши угледот

Макфакс

29/07/2025

22:18

463

Големина на фонт

а а а

Со денешното гласање во Собранието паднаа маските околу тоа кој е политичкиот покровител на Државниот јавен обвинител Коцевски и неговото раководно друштво во обвинителството, напиша во објавата на социјалните мрежи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, одговорот е јасен.

„Истите политичари од ДУИ и СДСМ кои во февруари 2024 година го предложија и гласаа „За“ изборот на Коцевски за јавен обвинител, денес не се осмелија да гласаат за негова недоверба. И покрај тоа што државниот обвинител има неколку крупни професионални грешки за кои заслужува разрешување, сепак фактот што токму Коцевски најдобро ги знае индициите за висока корупција направена од високи функционери од СДСМ е оној политички кредит што пратениците на Филипче и Оливер Спасовски мораат сеуште да го отплаќаат со заштита на функцијата на обвинителот“.

Како што оценува Милошоски, дури и пораката од СДСМ до Државниот обвинител дека од него зависело дали ќе бил “со штитот или на него”, повеќе звучи како кодиран сигнал од еден кон друг бизнис клан, отколку како парламентарен принцип поврзан со владеењето на правото.

Сепак, вели тој, добро е што ВМРО-ДПМНЕ остана доследна на своите позиции и тука не треба да се застане.

„Иако денес ги видовме политичките покровители на Државниот обвинител во Собранието, сепак корозијата на репутацијата на ЈО во најголем ја прават десетина актери внатре во самото обвинителство. Заради ваквите околности, како и заради силната порака која денес ја доби од Собранието, најдобро е ЈО Коцевски да си поднесе оставка, бидејќи спонзорството од ДУИ и СДСМ само дополнително ќе му го руши и угледот, и интегритетот на обвинителството во целина“, пишува Милошоски.