Напад со нож во Лондон. Двајца мажи убиени, осомничениот во сериозна состојба

Макфакс

29/07/2025

09:17

432

Големина на фонт

а а а

Двајца мажи починаа, а двајца други се хоспитализирани по насилниот инцидент во центарот на Лондон вчера. Еден од хоспитализираните мажи е приведен под сомнение дека е поврзан со нападот.

Метрополитенската полиција извести дека добила повик за напад во Саутерк околу 13 часот во понеделник. На местото на настанот, пронашле четири лица со убодни рани. 58-годишен маж починал на лице место, додека преостанатите три лица биле итно префрлени во болница. 27-годишен маж подоцна им подлегнал на повредите.

Третиот повреден маж, на возраст од триесет години, сè уште е на болничко лекување, а неговите повреди не се опасни по живот. Четвртиот маж, исто така во триесеттите години, беше приведен како осомничен, но и тој е во болница во животозагрозувачка состојба.

„Нашата истрага е во рана фаза и работиме напорно за да ги расветлиме сите околности околу овој шокантен инцидент“, рече детективката началничка на полицијата Ема Бонд. „Во овој момент, не веруваме дека инцидентот е поврзан со тероризам и дека нема понатамошна опасност за јавноста“.

Советничката од Саутерк, Наташа Енин, изрази сочувство до семејствата на жртвите. „Ужасната сум и длабоко тажна од смртта на двајцата мажи. Моето искрено сочувство до нивните семејства и пријатели“, рече таа.