[ВИДЕО] Овој кинески робот може да трча, да боксува и да стои на раце – но дали е опасен за луѓето?

Точка

28/07/2025

18:34

558

Големина на фонт

а а а

„Unitree R1“ е евтин хуманоиден робот кој импресионира со своите движења, но доаѓа со сериозни предупредувања за безбедноста, ограничувањата и вистинската корисност во домот.

Трката во развојот на хуманоидни роботи доби нов учесник – роботот „Unitree R1“. Станува збор за робот со цена од 5.400 евра, наменет за приватни корисници. Со гимнастичка подвижност и изненадувачки ниска цена, тој би можел да стане најдостапниот хуманоиден робот досега, но со бројни резерви.

Движењето на прво место, интелигенцијата следи

Претставен преку видео на „YouTube“ и опис на официјалните страници на компанијата, „R1“ импресионира со подвижност. Прикажан е како прави превртувања, стои на раце, боксува, користи удари од кикбокс и трча надолу по рид. Другите можности на роботот, меѓутоа, не се прикажани. На крајот од видеото се појавува порака: „Прво движење, потоа задачи“.

Иако има бинокуларна камера, четири микрофони и препознавање на слика и глас со помош на големи јазични модели, ништо од тоа не е демонстрирано во видеото. Фокусот беше исклучиво на импресивното движење.

Ниска цена, компактни димензии

„R1“ е висок околу 122 см и тежок 25 кг, приближно колку дете. Содржи 8-јадрен процесор и графички процесор (производителот не е наведен, иако „Unitree“ претходно соработувал со „Nvidia“), звучници, 26 зглобови и раце што изгледаат трајно стиснати. Отстранливата батерија на роботот овозможува еден час активно користење.

Роботите на „Unitree“, „G1“ (14.600 €) и „H1“ (82.000 €), се наменети за индустријата. „R1“, затоа, претставува финансиски преседан на пазарот наменет за приватни корисници, пишува „Tech Radar“.

Предупредувања на секоја страница

Моментално, глобалната индустрија за хуманоидни роботи е во рана фаза на развој. На корисниците им се советува добро да ги проучат ограничувањата на хуманоидните роботи пред купувањето, стои во предупредувањето на дното од страницата на производителот на роботот „R1“.

Хуманоидниот робот има сложена структура и исклучително голема сила. На корисниците им се препорачува да одржуваат доволно безбедносно растојание меѓу себе и роботот. Користете го со претпазливост, се додава во друго предупредување на истата веб-страница.

И покрај потенцијалот, автономијата и безбедноста на „R1“ за домашна употреба остануваат под знак прашалник.