Владата на Велика Британија воведува строги мерки: Два часа дневно за децата на „Tик-ток“

Макфакс

23/07/2025

11:39

158

Големина на фонт

а а а

Владата на Велика Британија планира да воведе ограничувања за користење на социјалните медиуми од страна на децата во обид да го намали она што го нарекува прекумерно време пред екран. Министерот за технологија Питер Кајл изјави за Sky News дека е загрижен за тоа колку време децата поминуваат на апликациите, како и за содржината со која се среќаваат таму секој ден.

По разговорот со поранешни и сегашни вработени во технолошките компании, се разгледува воведувањето на ограничување од два часа по социјална мрежа. Се разгледуваат и ноќни забрани, како и забрана за време на училишните часови. Планот е целосно да се блокира пристапот на децата до апликации како „Tик-ток“ или „Snapchat“ откако ќе го достигнат зададениот лимит, наместо само да се предупредуваат за предолго скролање.

Официјалното објавување на новите мерки се очекува на есен.

„Наскоро ќе дадам повеќе детали, но многу внимателно го разгледуваме вкупното време што децата го поминуваат на апликациите“, рече Кајл. „Многу родители се чувствуваат немоќни и не знаат како да обезбедат поздрава дигитална средина за своите деца. Некои деца самите чувствуваат дека се зависни од социјалните медиуми и им е потребна помош за да ја вратат контролата врз нивниот онлајн живот.“

Министерот нагласи дека принципите на здраво детство во реалниот живот треба да се пренесат во дигиталниот простор.

„Се зборува многу за здраво детство офлајн, но истото важи и за она онлајн. Сонот е клучен, како и можноста за концентрирање на учењето“, рече Кајл, додавајќи дека сака да ги спречи децата да консумираат часови содржина што, иако не е нелегална, „не е здрава“.

Изјавите на министерот доаѓаат по анкета спроведена на 1.000 деца во Дарлингтон, претежно на возраст од 14 и 15 години. Резултатите покажаа дека 40% од децата поминуваат најмалку шест часа на ден онлајн, додека едно од пет поминува до осум часа. Повеќе од половина од оние под 16 години (55%) виделе несоодветна сексуална или насилна содржина, честопати без да ја побараат. Три четвртини од нив биле контактирани од непознати.

Некои тинејџери признаа дека поминуваат до 16 часа на ден онлајн.

Технологијата за спроведување на вакви ограничувања веќе постои. Во Обединетото Кралство наскоро ќе стапат во сила правила што ќе бараат од порнографските веб-страници строго да ја потврдат возраста на корисниците. Ова би можело да вклучува проверка на кредитни картички, лични карти или користење на вештачка интелигенција за проценка на возраста. Истите методи веројатно би се користеле за ограничување на пристапот до социјалните медиуми ноќе или за време на училишните часови.

Сепак, постојат голем број предизвици. Главните се загриженоста за приватноста и проблемите со ефикасноста. Технолошките компании би морале да собираат уште повеќе лични податоци, а тинејџерите би можеле брзо да научат како да ги заобиколат системите. Но, експертите велат дека вештачката интелигенција учи брзо и наскоро би можела сигурно да ги разликува децата од возрасните, дури и во возрасната група под 18 години.