Кузеска: Владата ќе соработува со „Казанџи холдинг“, чија ќерка фирма е обвинета за корупција во Гана

Макфакс

22/07/2025

15:01

184

Големина на фонт

а а а

Со огромна загриженост ја информираме јавноста дека владејачката партија подготвува уште еден срамен чин на предавство на националните интереси, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Наместо да спроведе транспарентна и законска постапка за изградба на новиот дистрибутивен систем за природен гас, како што е наведено во Законот за енергетика, кој самите го донесоа во парламентот во мај годинава, додаде таа, Владата зад затворени врати подготвува потпишување на нелегален меморандум за соработка.

„Зошто се заобиколува членот 94 од Законот за енергетика, кој јасно налага изборот на партнер за изградба на дистрибутивната мрежа да се врши преку транспарентна тендерска постапка? Чии интереси ги штити власта кога за стратешки партнер избира компанија која веќе е фатена и откриена во истраги за поткуп и сомнителни зделки? Дали власта спрема огромна курпција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана? Дали овој меморандум е цената што треба да ја платат граѓаните за нечии лични и партиски бизнис интереси?“, праша Кузеска.

Таа кажа дека СДСМ бара итно и неотповикливо откажување од намерата за потпишување на каков било меморандум со споменатата компанија, целосна транспарентност за сите досегашни преговори и активности поврзани со овој проект и безусловно почитување на законот и јавна дебата за развојот на енергетскиот сектор.