[ВИДЕО] Американец во емисија рече дека е фашист, доби отказ од работа, сега собира пари

Макфакс

22/07/2025

09:40

287

Големина на фонт

а а а

Мехди Хасан, британско-американски прогресивен новинар, доживеал неверојатен момент во дебатна емисија што ја водел во соработка со популарниот YouTube канал Jubilee.

Во расправа со 20 крајно десничарски учесници, се соочил со маж кој пред камерите отворено признал дека е фашист – и тоа без срам.

Дискусијата била фокусирана на прашањето дали претседателот на САД, Доналд Трамп, го прекршува Уставот. Наспроти Хасан седнал маж кој се претставил како „Конор“, појаснувајќи дека на интернет користи псевдоним. „Уставот е документ кој треба да ни служи. Кога престанува да ни служи, може да се измени. Законите можат да се менуваат“, изјавил Конор, релативизирајќи ги темелите на американската демократија.

Потоа јасно рекол: „Искрено, ако Трамп е против Уставот – добро. И мислам дека треба да оди уште подалеку.“ Хасан му поставил логично прашање: дали тогаш и демократите можат да го менуваат или игнорираат Уставот кога се на власт? „Апсолутно не“, одговорил Конор. На прашањето дали верува во демократија, повторно одговорил: „Не.“ – „Во што тогаш веруваш?“ прашал Хасан. „Во автократија“, рекол Конор.

Ситуацијата дополнително се вжештила кога Конор почнал да го цитира Карл Шмит, германски политички теоретичар и член на Нацистичката партија, нарекувајќи го „супер кул“ и „одличен“. Хасан го прашал: „Дали си фан на нацистите?“ Конор одговорил: „Искрено, не ми е гајле ако некој ме нарече нацист.“

Конор подоцна бил прашан дали го осудува нацистичкиот прогон на Евреите, на што тој рекол: „Мислам дека имало прогон и такви работи, што е лошо.“ Хасан, згрозен, рекол: „Можеби треба да ја преименуваме емисијата, затоа што ти си нешто повеќе од крајно десен републиканец.“

„Што да кажам?“ смирено одговорил Конор. Хасан предложил: „Можеш да кажеш: ‘Јас сум фашист’.“ – „Да, сум“, се насмеал Конор. Кога некои од публиката почнале да аплаудираат, Хасан застанал и рекол: „Само гледам кој аплаудира, за да знам кој каде стои… Знаете дека милиони ќе го гледаат ова на YouTube и точно ќе видат кој се фашисти и нацисти.“

Неколку дена подоцна, Конор на социјалните мрежи објавил дека поради видеото добил отказ и дека отворил фонд за да собира пари додека не најде нова работа.

„За жал, искажување на целосно легални традиционални десничарски политички ставови резултира со вистински последици. Ова е социјално исклучување поради ставови (cancel culture) и политичка дискриминација во полн сјај“, напишал Конор.