Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на својот колега, министерот за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој престојува во официјална посета на нашата држава. Оваа посета претставува потврда за одличните билатерални односи, споделените вредности и заедничката визија за иднината.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за интензивирање на политичкиот дијалог и севкупната билатерална соработка. Министрите истакнаа дека денешната посета е почеток на ново поглавје во односите меѓу двете земји, кое ќе продолжи да се развива со заедничка посветеност.
„Разговаравме за унапредување на политичките односи, но и за нови можности за економска и трговска соработка, зајакнување на инвестициите и организирање на првиот заеднички бизнис форум. Стана збор и за можноста за воведување директна авионска линија помеѓу нашите две земји“, изјави Муцунски по средбата.
Во насока на понатамошно динамизирање на односите, министрите потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи. Дополнително, министерот за култура, Зоран Љутков, и неговиот марокански колега потпишаа Меморандум за унапредување на соработката во областа на туризмот.
Во рамки на средбата министрите потпишаа и Заедничка изјава, со која, меѓу другото, нашата држава ги поздравува сериозните и кредибилни напори на Кралството Мароко за унапредување на процесот под покровителство на Обединетите нации, при што се смета дека Планот за автономија за Западна Сахара, што Мароко го презентираше на Генералниот секретар на Обединетите нации во 2007 година, претставува уникатна основа за решение, што би било договорено во рамките на ООН.
На средбата се разговараше и за соработката во рамките на мултилатералните организации.