Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска од Крива Паланка изјави дека преку двата повици на Владата, за општината се обезбедени вкупно 3,3 милиони евра. Тој истакна дека токму тоа е доказ дека новата влада се грижи подеднакво за сите општини и сите граѓани.
„Во последната година, со централна власт од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, обезбедени се 800 илјади евра од првиот повик за општините и уште 2,5 милиони евра од вториот повик – само за Крива Паланка“, рече Мицевски.
Тој ја критикуваше актуелната локална самоуправа, посочувајќи дека во изминатите три години биле реализирани капитални инвестиции од само 3 милиони евра, што, според него, е резултат на „безидејноста“ на градоначалникот.
„Денеска разговараме со граѓаните за сите проблеми, нереализирани проекти и лажни ветувања кои ги добиваа со години“, изјави Мицевски.
Во својата изјава тој потенцираше дека „Крива Паланка има потреба од промени“ и најави дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе понудат ново раководство кое ќе одговори на потребите на граѓаните.