Наполи влезе во посериозни трансфер активности и почна да му ги исполнува желбите на Антонио Конте, но пред да се продолжи со инвестирањето во нови фудбалери, актуелниот италијански шампион е цврсто решен да заврши едни преговори кои се провлекуваат речиси два месеци.
Клубот од Неапол одамна се откажа од Виктор Осимен, но до ден денеска тој се уште е под договор со Наполи, нешто што Де Лаурентис и неговите соработници сакаат да биде завршено на почетокот на следната седмица.
По договорените детали со Галатасарај, Наполи сега поставува ултиматум за комплетирање на целата операција до понеделник, односно бараат од турскиот клуб да ги размени сите документи за време на викендот, или најдоцна до понеделник вечерта.
Турскиот великан се согласи да ги исплати бараните 75 милиони евра и обезбеди гаранции дека тоа ќе биде направено на две рати, меѓутоа Де Лаурентис сега бара тоа да биде потпишано од двете страни и разменето најдоцна до понеделник.
Според договорот, Галатасарај ова лето ќе исплати 40 милиони евра во касата на Наполи, а останатите 35 милиони евра ќе ги плаќа во неколку рати до наредното лето во 2026-та година.
Во целата операција, италијанските медиуми откриваат дека е вклучена на клаузула наречена „анти-Серија А“, според која Галатасарај нема да смее да го продаде напаѓачот на клуб од Италија во наредните две години.