СДСМ обвинува за партизација на М-НАВ, бара поништување на огласот за вработување

Макфакс

17/07/2025

16:30

192

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ја претвора М-НАВ во, како што велат, партиска филијала, преку спроведување на спорен процес на вработувања, непосредно пред изборите.

Според СДСМ, на огласот за нови вработувања во оваа клучна институција за авионска безбедност, биле примени лица со блиски партиски врски, наместо стручни и квалификувани кадри. Во партиското соопштение се наведува дека меѓу вработените се и сопругата на Игор Југ, осуден за нападот на Собранието на 27 април, како и сопруг на директорка на Централниот регистар и функционер во младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ тврди дека дел од кандидатите не поседувале ни основни познавања од англиски јазик, а сепак биле фаворизирани. Покрај тоа, според нив, интервјуата биле спроведени исклучиво од страна на директорите на Управниот одбор, без учество на претставници од синдикатот на контролори на летање.

„Со вакви постапки се загрозува безбедноста во авиосообраќајот и се поткопува довербата во институциите“, стои во соопштението.

СДСМ бара итно поништување на огласот, враќање на професионалните критериуми и оставка од сите одговорни.