Сѐ уште се трага по убиецот од Батинци, Тошковски вели во тек е постапка за идентификување на локацијата

Макфакс

16/07/2025

14:47

149

Големина на фонт

а а а

Безбедносната состојба во Македонија е значително подобрена во однос на пред две години, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, реагирајќи на обвинувањата од страна на СДСМ за нарушена безбедност.

„Македонија е денес далеку побезбедна отколку што беше пред две години. За тоа говорат бројките, граѓаните и фактите. Нормално е опозицијата да обвинува, тоа е нивна работа, но би било добро тоа да биде со реална споредба и факти“, изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.

Во врска со убиството во скопското село Батинци, кое е второ убиство во ова населено место за една година, министерот Тошковски информираше дека случајот е делумно расветлен од страна на МВР.

„МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејствија. Во тек е постапка за идентификување на локацијата на сторителот. Не би сакал да навлегувам во повеќе детали“, рече Тошковски.

Припадниот на Армијата А.М. минатата недела беше застрелан во селото Батинци. МВР тогаш соопшти дека лицето М.Џ. пукало со огнено оружје кон возило „киа“ кое било во движење. А.М. (50) се здобил со прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде во 11 часот од страна на доктор била констатирана смрт.

Осомничениот Муса Џавит, се уште не е пронајден и, според сознанијата на истражните органи, најверојатно ја напуштил земјата. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека Џавит веќе подолго време се бара со меѓународна потерница за претходно извршено убиство.