ВМРО-ДПМНЕ, кога обвинува за недостиг на вода во град Скопје, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП „Водовод и канализација“ во Шуто Оризари и за нив МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба, реагираат од Град Скопје по денешното соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Како што појаснуваат, и на дивоградбата, каде што беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, бил утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски, како што истакнуваат во соопштението, дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари.
„Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој сѐ уште глуми политичка загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните што чесно си плаќаат трпат поради пад на системот.
Потрошувачката на вода овој месец достигна рекордни 356.000 м³ на ден, што значи дури 700 литри дневно на жител, највисоко ниво досега.
Само во последните денови дневно се откриваат по 30 нови диви приклучоци во Скопје, бројка што постојано расте“, реагираат од Град Скопје.
Одговорноста, според нив, е јасна. Проблемот, како што велат, не е водата, проблемот се оние што ја добиваат бадијала и институциите што ги штитат.