Украинскиот премиер поднесе оставка

Макфакс

15/07/2025

16:12

458

Големина на фонт

а а а

Украинскиот премиер Денис Шмихал објави дека поднел оставка од функцијата што ја извршуваше повеќе од четири години. Одлуката доаѓа еден ден откако претседателот Володимир Зеленски го предложи Шмихал за нов министер за одбрана, како дел од најавената реконструкција на кабинетот.

Во објава на Телеграм, Шмихал им се заблагодари на украинските ветерани, претседателот и членовите на владата:

„Благодарност до нашите бранители кои го држат фронтот и ја штитат Украина! Благодарност до претседателот на Украина Володимир Зеленски за довербата! Благодарност до целиот тим за нивната неуморна работа за нашата земја! Слава на Украина!“, напиша тој покрај фотографија од неговата рачно напишана оставка.

Зеленски вчера објави дека ќе ја номинира Јулија Свириденко, поранешната прва вицепремиерка, за нов шеф на владата. Тој рече дека смета на парламентарна поддршка за најавеното реструктуирање на извршната власт.

Зеленски веќе некое време најавува промени во кабинетот, кои се толкуваат како обид за освежување на политичкото раководство на земјата, бидејќи војната со Русија влегува во својата четврта година, а предизвиците во економијата и одбраната остануваат исклучително големи.