Трамп му постави ултиматум на Путин; Аналитичарите: Санкциите би можеле да им наштетат на САД

Макфакс

15/07/2025

14:26

189

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп го заострува притисокот врз Русија воведувајќи нов ултиматум, односно 50 дена за прекин на огнот во Украина, со закана од секундарни тарифи до 100 проценти за земјите што продолжуваат да купуваат руски енергетски производи, пишува „Дојче веле њуз“.

Во исто време тој најави дополнителни испораки на американско оружје за Украина, со финансиска поддршка од сојузниците на НАТО, како што се Германија, Норвешка и Велика Британија. Но, воените аналитичари предупредуваат дека оваа промена на насоката може да биде краткотрајна.

„Ќе воведеме царини до 100 проценти ако Русија не се согласи на прекин на огнот во рок од 50 дена“, рече Трамп таргетирајќи земји како Кина и Индија, кои продолжуваат да купуваат руска нафта и гас.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус потврди дека Германија е подготвена да финансира дополнителна помош за Украина: „Зборуваме за една милијарда евра за еден комплетен систем ‘Патриот’“, рече Писториус по состанокот во Пентагон.

„Ова е навистина голема работа“, рече генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, коментирајќи ја подготвеноста на Трамп да испорача американско оружје доколку европските сојузници го финансираат. „Ова значи дека Украина добива голема количина нова воена опрема за воздушна одбрана, но и во форма на дополнителни ракети и муниција“, додаде Руте.

Аналитичарите се скептични во врска со трајноста на промената на курсот на Трамп

„Веќе видовме серија ултиматуми од Трамп, кои не ја променија ситуацијата“, рече Џенифер Кавана од вашингтонскиот тинк-тенк Defense Priorities. „Санкциите што Трамп се заканува дека ќе ги воведе би можеле да нанесат поголема штета на американската економија отколку на која било друга“, предупреди Кавана додавајќи дека Трамп се предомислува речиси секоја недела.

За најавените испораки на оружје, таа рече: „Се надеваме дека системите за воздушна одбрана ‘Патриот’, доколку бргу пристигнат во Украина, барем ќе ги заштитат цивилните објекти и ќе спасат животи“. Но, таа исто така посочи на важна политичка промена: „Со објавувањето нов начин за помош на Украина, Трамп ја прави оваа војна своја“. Тоа, рече таа, би можело да му го отежни повлекувањето на помошта за Киев во иднина.

„Општо земено, претпазлив сум со ваквите прогнози или очекувања“, рече Писториус одговарајќи на прашање од германски новинари дали ова е пресвртница во политиката на Трамп. „Но, да, можно е, особено ако, по 50 дена, овие санкции навистина се воведат и ако покажат ефект. Сега многу зависи од многу луѓе од светот да влијаат врз Путин и да го натераат да ја промени својата политика“, додаде тој.