Реал Мадрид вчера го потврди четвртото летно засилување во името на Алваро Карерас и доби важно засилување за левата бековска позиција, но како што стојат работите, Чаби Алонсо не планира да застане тука кога е во прашање ремонтот во одбраната.
Од вкупно четири досегашни засилувања, тројца фудбалери се купени со цел да бидат нови стартери во дефанзивниот ред (Трент, Карерас и Хаусен), меѓутоа последните информации од Шпанија велат дека новиот тренер на Реал Мадрид посакал уште еден фудбалер на Ливерпул.
Ибрахима Конате долги години беше „штитеник“ на Трент во Ливерпул и знаеше умешно да ги покрива излетите на десниот бек во нападот, па стручниот тим на Чаби смета дека тој би бил идеална поддршка за Арнолд и на „Сантијаго Бернабеу“.
Поволна околност за Реал е тоа што Конате има само уште една година од договорот со Ливерпул, па ова е последното лето во кое англискиот шампион ќе може да заработи посериозна сума на пари.
Мадридскиот весник „АС“ тврди дека Реал сериозно го мерка Конате и размислува да испрати понуда, но во овој момент, истата е далеку од она што го бара Ливерпул.
Шпанскиот великан смета дека фер цена е 25 милиони евра, додека Ливерпул го проценува својот дефанзивец двојно повеќе, односно 50 милиони евра.