Германскиот министер за одбрана со порака до производителите на оружје: Престанете да се жалите и произведувајте

Макфакс

15/07/2025

11:15

309

Големина на фонт

а а а

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус им порача на производителите на оружје да престанат да се жалат и да преземат одговорност за постигнување на целта за зајакнување на европската одбрана.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, тој рече дека владата веќе инвестирала стотици милијарди евра и дека индустријата сега мора да ги исполни очекувањата.

Германија планира да ги зголеми годишните трошоци за одбрана на 162 милијарди евра до 2029 година, што е за 70% повеќе од оваа година.

Писториус призна дека сè уште има доцнења во испораките и ја нагласи потребата од зголемување на капацитетот во производството на муниција, беспилотни летала, тенкови и друга опрема.

Тој, исто така, ги отфрли предлозите за заедничко задолжување на ЕУ за воени цели, критикувајќи ја идејата, одговорните земји да плаќаат за неактивноста на другите.

Зборувајќи за помошта за Украина, тој потврди дека Германија нема да испрати дополнителни системи „Патриот“, ниту ракети „Таурус“, бидејќи сопствените залихи се премногу ниски.

Писториус најави долгорочни договори за снабдување со воена опрема за да се обезбеди редовна модернизација и ја потврди поддршката за испраќање постојана германска бригада во Литванија.

Тој истакна дека балтичките земји и Полска се новото „источно крило“ на НАТО и дека Германија мора да биде подготвена да одговори на заканите, вклучително и директна борба со Русија во случај на напад.