Божиновска со претставници на Светската банка: Поддршка за забрзана енергетска транзиција и нови проекти во енергетиката

Макфакс

14/07/2025

15:42

99

Големина на фонт

а а а

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со претставници на Светска банка, на која се раговараше за тековните и идните активности насочени кон унапредување на енергетскиот сектор во Република Македонија, со фокус на енергетска транзиција, зголемена ефикасност и развој на обновливи извори на енергија.

На средбата беше истакната подготвеноста за продлабочување на соработката во областите на енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и модернизација на енергетската инфраструктура. Посебно внимание беше посветено на нови инвестициски проекти кои треба да обезбедат долгорочна стабилност и сигурност во снабдувањето со енергија.

Претставниците на Светска банка ја изразија безрезервната подготвеност на институцијата да ја поддржи Република Македонија во процесот на забрзана енергетска транзиција.

На средбата беше презентирана и „Програма за резултати“ (Program-for-Results) – инструмент на Светска банка кој овозможува поддршка на долгорочни проекти со јасно дефинирани индикатори за следење, транспарентност и евалуација на резултати. Програмата е особено применлива во сектори каде е неопходна институционална трансформација, инвестиции и управување со ресурсите.

Од страна на Министерството беа презентирани неколку приоритетни области за идна соработка, вклучувајќи:

· зголемување на капацитетите за обновлива енергија,

· дигитализација и модернизација на енергетската инфраструктура,

· како и нов проект за енергетска ефикасност во резиденцијалниот сектор, кој би овозможил директна корист за домаќинствата и граѓаните преку мерки за подобрување на енергетската ефикасност во домовите.

Божиновска ја потврди определбата на Министерството за конкретни реформи, стратешко планирање и унапредување на регулативата во согласност со меѓународните практики. Таа упати благодарност до Светска банка за континуираната поддршка, оценувајќи ја како клучна за забрзување на зелената транзиција и стабилен енергетски систем во државата.