Меџити со шефот на СЗО, Али: „Животната средина е клучна за здравјето и благосостојбата на граѓаните”

Макфакс

14/07/2025

14:51

117

Големина на фонт

а а а

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одржа работна средба со шефот на Светската здравствена организација во Северна Македонија, Аким Али, и со координаторката на процесот, Симона Атанасова, на која беше претставена финалната верзија на стратегијата за соработка за периодот 2026 – 2030 година.

Стратегијата претставува клучна рамка за заедничка работа меѓу СЗО и државните институции во следните пет години, со јасен фокус на јавното здравје, климатските промени и квалитетот на животната средина. Новата стратегија е усогласена со националните здравствени приоритети, целите за одржлив развој и со процесот на пристапување во Европската Унија.

Меџити порача дека интеграцијата на здравјето и екологијата не е само потреба, туку обврска кон идните генерации.

„Грижата за животната средина е директна грижа за здравјето на нашите граѓани. Затоа Министерството ќе продолжи да биде двигател на политики што го подобруваат квалитетот на воздухот, чистата вода, климатската адаптација и одржливото урбано планирање како клучни предуслови за подобро здравје и благосостојба. Оваа стратегија ја потврдува нашата заложба да дејствуваме навремено, одговорно и системски“, изјави Меџити.

Во изработката на стратегијата учествуваа над 150 претставници од институции, граѓански организации, младински групи и развојни партнери, а Министерството за животна средина одигра клучна улога во вклучувањето на еколошките аспекти како суштинска компонента на јавното здравје и одржливиот развој.

Следниот чекор е заедничко потпишување на стратегијата на меѓуресорски состанок наесен, со учество на премиерот, министерот за здравство, регионалниот директор на СЗО и други високи претставници.