Карлос Алкарас со извонредна серија од четири гејма го освои првиот сет и поведе со 1:0 во големото финале на Вимблдон, низа со која се доби впечаток дека е на добар пат да извојува и шеста победа едно по друго во дуелите со Јаник Синер.
По негативата од 4:2, Шпанецот со четири гејма во низа стигна до 6:4 и изгледаше далеку порасположено на теренот, но улогите се променија на стартот на вториот сет, а тоа остана така до самиот крај на мечот.
Синер режираше слатка одмазда и успеа да му се реваншира на Алкарас за болниот пораз во финалето на Ролан Гарос, а тоа се случи пред се благодарение на добриот сервис, но и бруталната константност со ударите од основната линија.
– Во одредени моменти не знаев што да правам на теренот. Чувствувам дека е многу подобар од мене од основната линија и не можев ништо да направам, – искрено изјави Алкарас, апострофирајќи ја доминацијата на Синер.
– Мојот низок процент на прв сервис беше клучен, бидејќи на спротивната страна имав еден од најдобрите ритернери во светот. Ми беше навистина тешко да сервирам добро на овој меч, – изјави Алкарас, кој финалето го заврши со само 53 проценти уфрлен прв сервис.
За Шпанецот, ова беше прв пораз во шестото финале на грен слем турнир, а истото дојде од најголемиот ривал со кого се уште води во меѓусебните дуели со 8:5.
– Ова е мој прв тежок пораз по оној на Олимпијадата пред една година. Тогаш се чувствував навистина многу лошо, но сега е поинаку. Научив како да се изборам со вакви ситуации, едноставно го прифаќам она што може да ми се случи. Загубив финале, но горд сум што воопшто бев дел од него, – заврши Шпанецот.
Алкарас до овој пораз беше во серија од 20 последователни победи на Вимблдон како двократен шампион, но за својата трета титула ќе мора да почека барем уште некое време.