Јаник Синер пред само еден месец го доживеа најтешкиот пораз во својата кратка тениска кариера, но светскиот рекет број еден успеа да се избори за реванш против Карлос Алкарас, а вчера и слатко да му се одмазди во големото финале на Вимблдон.
Синер стана првиот Италијанец кој го освои Вимблдон и со златни букви го запиша своето име во историјата на „белиот спорт“, а иако Јаник ретко покажува емоции, од неговите очи комотно можеше да се заклучи дека посебно му значи овој освоен трофеј.
Во период кога беше оспоруван и поради допинг скандалот кој направи и да паузира до Ролан Гарос, Синер ја оствари најважната победа во својата досегашна кариера, и тоа пред очите на своите најблиски од семејството.
– Чувството е неверојатно, ова е навистина нешто посебно за мене. Иако не плачам, многу сум емотивен во овие моменти. Само јас и луѓето кои се најблиски до мене знаат низ што пројдовме, на теренот, но и надвор од него. Верувајте дека не беше воопшто лесно. Се обидувавме да дадеме максимум на секој тренинг, дури и кога ментално се борев со себе. На тренинзите ми е потешко од мечевите, бидејќи кога играм, едноставно се исклучувам и се фокусирам на поените.
– Тоа што го делам овој момент со сите мои луѓе од семејството е најубавото што може да ми се случи. Во Париз беше само мојата мајка, а сега тука се и мојот татко, мојот брат, мојата мајка и цел мој тим. Не мислам само на тренерите, туку на сите кои работат со мене. Затоа чувството е неверојатно. Во Париз претрпев тежок пораз, но на крајот на денот, не важно како победуваш или губиш, туку како го прифаќаш тоа. Јас го прифатив поразот и продолжив напорно да работа, тоа е причината поради која денеска го држам овој трофеј во мои раце, – изјави Синер на пресот.