Екипата на Вардар имаше одличен кам-бек на европската сцена со убедлива победа над Ла Фиорита во првата квалификациска рунда во Конференциската лига на УЕФА.
Македонскиот претставник славеше со 3-0 на средбата која се одигра во Скопје, меч на кој „црвено-црните“ доминираа и дефинитивно можеа и повеќепати да ја затресат мрежата на ривалот, но сепак тренерот Гоце Седлоски е задоволен од прикажаното и остварениот резултат.
- Честитки до играчите, првиот дел беше во грч, затоа што некои играчи играат вакви мечеви за прв пат. Овие ривали се доста незгодни ако не им дадеш гол. Задоволен сум од вториот дел, измените направија разлика и заслужено победивме. Во последните петнаесет минути имавме и повеќе шанси кои во иднина мора да користиме. Некој да ми понудеше 3-0 пред мечот, сигурно ќе прифатев. Доста играчи од овие не беа во целост на подготовките. Новите играчи допрва треба да се докажуваат. Знаеме колку тежи дресот на Вардар. Генерално сум задоволен од тимот и од изданието. Сите кои одиграа го дадоа максимумот“, изјави Седлоски.
Реваншот во Сан Марино се игра на 17 јули.