Наполи ја одби воведната понуда на Галатасарај вредна 55 милиони евра за Виктор Осимен, но Турците многу брзо возвратија со втора и го известија клубот чиј газда е Аурелио де Лаурентис дека ќе ја исплатат откупната клаузула која е впишана во неговиот договор.
Откако турскиот шампион постигна договор со Осимен за тригодишна соработка, „лавовите“ не сакаат во ниту еден случај да го остават напаѓачот на цедило, па поради тоа, се согласиле на барањето на Наполи да платат 75 милиони евра за неговиот трансфер.
Најавата дека ќе биде исплатена клаузулата во принцип значи дека трансферот треба да биде блиску до реализација, но Наполи сепак ги отежнува преговорите и во оваа фаза, бидејќи бара гаранции од Галатасарај за целосно и брзо исплаќање на сумата.
Како што јавуваат италијанските медиуми, клубот од Неапол не сака да има одложено плаќање на неколку години, односно голем дел од сумата бара да ја добие веднаш, за да може истата да ја пренамени за нови засилувања кои му се ветени на Антонио Конте.
Ова значи дека Галатасарај сега ќе мора да достави јасен план со гаранции за брза исплата, па ако го направи тоа, брзо на располагање ќе го има напаѓачот кој ги водеше до шампионска титула изминатава сезона.