Кремљ денес објави дека е шокиран од ненадејната смрт на поранешниот руски министер за транспорт Роман Старовоит, неколку часа откако претседателот Владимир Путин го разреши.
Старовоит беше пронајден мртов во својот автомобил надвор од Москва со прострелна рана, а водечката хипотеза е дека си го одзел животот, рекоа државните истражители.
Кога беше прашан за смртта на Старовоит, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Путин бил информиран за инцидентот и ја опиша веста како „трагична и тажна“. „Не може а да не ги шокира обичните луѓе. Секако, и нас нè шокираше. Во тек е истрага што ќе одговори на сите прашања“, рече Песков, одбивајќи да шпекулира за причината за смртта на Старовоит.
Во претседателскиот декрет објавен вчера не е наведена причината за разрешувањето на Старовоит по нешто повеќе од една година на функцијата, иако политичките аналитичари се сомневаат дека разрешувањето е поврзано со истрагата за корупција во Курскиот регион, со кој тој некогаш управувал.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди овие сомневања, но извор од транспортната индустрија, кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на случајот, рече дека позицијата на Старовоит била доведена во прашање со месеци поради скандалот со корупција.
Истрагата се фокусира на тоа дали 19,4 милијарди рубљи (околу 210 милиони евра) што беа наменети за зајакнување на границите на Русија со Украина во Курскиот регион во 2022 година биле правилно потрошени или дел од тие пари биле проневерени.