Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието повика на воздржаност. Таа нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува координирана акција за помош и има јасен план за долгорочна поддршка на повредените и семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани.
„Денес, а и многу пати наназад после несреќата, премиерот соопшти дека Кочани е приоритет за Владата, дека здравјето на повредените е пред се. Дека психолошката состојба на сите истрауматизирани е под постојана опсервација и контрола. Дека ќе се помогне на секој можен начин дека ќе се изнајдат многу повеќе средства за Кочани“, рече Стојаноска.
Таа повика на воздржаност и да и се дозволи на актуелната власт да ги преземе сите надлежности.
„Како пратеници треба да внимаваме да не повредиме уште некоја душа, да не споменуваме работи и имиња кои не се за споменување и да оставиме на сегашната актуелна власт да ги преземе сите надлежности и механизми “, кажа Стојаноска и додаде:
„Времето е премногу скоро после трагедијата за да се расправаме ние тука кој повеќе се грижи за семејствата. Немојте да не ја запазуваме суштината. Голема е пораката и значењето да бидеме вистински пријатели на Кочани и да помогнеме а не да одмогнеме“.
Стојаноска нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде брза и координирана акција по трагедијата, и води грижа за повредените и нивната рехабилитација, и дека семејствата на загинатите и повредените ќе добијат помош.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во чие време се случи оваа страшна трагедија презеде најкомплексна и координирана акција после пожарот. Веќе немаме повредени чии животи се во опасност. Во тек е рехабилитација на повредените, во тек се сите можни проекции и планови за Кочани и за семејствата на починатите и на повредените. Ќе им се помогне на секој можен начин во текот на целиот нивен живот и не само финансиски“ истакна Стојаноска.
Таа додаде дека Владата има јасен план за поддршка на настраданите и нивните семејства.
„Нека им е вечна славата никогаш да не ги заборавиме и никогаш повеќе да не дозволиме било што слично на Кочани да ни се случи. Како што се обединивме околу гласањето на Законот за пиротехнички средства чинам, ама за жал откако се случи таа несреќа така и сега порачувам да се обединеме и да не фрламе сол врз свежите рани. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има план како да се помогне“, вели Стојаноска.