Орце Ѓорѓиевски ќе има задача да го врати Скопје на скопјани, рече Мицкоски презентирајќи го кандидатот за градоначалник

Макфакс

06/07/2025

15:39

201

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски денес, во обраќање пред јавноста, го презентираше актуелниот прв човек на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, како иден градоначалник на Град Скопје – одлука што ја донесе Извршниот комитет на партијата.

Со тоа, Ѓорѓиевски на локалните избори ќе влезе во трката за прв човек на Градот, на местото на Данела Арсовска. Во 2021 година, Арсовска седна на градоначалничката фотелја поддржана од оваа партија, но кусо потоа се отвори фронт на несогласувања и почна вербална офанзива, па речиси и да немаше соработка помеѓу градската и извршната власт во изминатите години за клучните прашања. Оттука, Мицкоски денеска искоментира дека ги научиле сите лекции од минатото за повторно да не згрешат при изборот.

За Ѓорѓиевски, Мицкоски рече дека убедливо водел на сите партиски анкети и како градоначалник на Кисела Вода покажал и докажал дека умее и сака да работи за граѓаните.


„Исклучително е мотивиран да победи, а потоа и да победува секој ден за Градот Скопје и скопјани. Тој е отворен и достапен и посветен работник кој решава проблеми. Нова енергија каква што му е потребна на Скопје после едно четиригодишно девастирање и замреност на Градот“, рече премиерот.

Мицкоски изјави и дека Орце Ѓорѓиевски ќе има нова задача да го врати Скопје на скопјани и изрази уверување дека со заедничка работа доаѓаат добри денови за Скопје – решавање на превозот, хигиената, урбаниот хаос.

„Ќе понудиме програма, заедничка работа и визија за Скопје. Овие избори влегуваме како фаворити, а тоа значи уште поголема одговорност да направиме повеќе“, рече Мицкоски.