Учениците од основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во Чаир, од септември времено ќе посетуваат настава во простории на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во Центар, каде за оваа цел, со поддршка од Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО) ќе се адаптираат и реконструираат простории што досега не се употребувале.
По овој повод, денеска средното училиште го посетија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и претставници на раководството на МАТТО предводени од претседателот на управниот одбор на комората, Ајдован Адемоски, кои заедно со училишниот директор потпишаа договор за донација врз основа на кој ќе се реализираат градежните работи.
Јаневска рече дека Владата сериозно пристапува кон надминување на бројните наследени предизвици во образованието, а решенијата полесно се наоѓаат и остваруваат со поддршка од партнерите и соработниците, меѓу кои е и МАТТО, која во оваа ситуација, одвојува 100 илјади евра.
„Комората ќе помогне во реновирањето и адаптирањето на простории во ова училиште, со цел, до септември да бидат оспособени за привремена настава и образование на учениците од основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во општина Чаир кое е во катастрофална состојба и бидејќи претставува ризик по здравјето и животот на децата и вработените, објектот е затворен, а се плаира изградба на нов“, рече Јаневска.
Информираше дека околу 70 редовни основци од „Иднина“ и 130 со кои се работи по индивидуални програми, ќе имаат пристап до безбедно и квалитетно образование од септември, а наставата во адаптираните простории ќе се одвива во две смени. Јаневска апелираше општествената одговорност на МАТТО Комората да биде пример кој ќе го следат и другите комори, организации и здруженија, затоа што, како што посочи, развојот на образованието треба да биде заедничка општествена мисија од чие остварување, корист имаме сите.
Претседателот на Комората, Ајдован Адемоски рече дека сите деца заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование и дека особено внимание треба да им се посвети на учениците со попреченост за да го достигнат својот полн потенцијал. Комората ќе продолжи да помага секаде каде што има потреба и согласно можностите.