Муртезани од Даблин: Блокирањето на процесот на интеграција ја поткопува стабилноста на континентот

Макфакс

03/07/2025

17:49

116

Големина на фонт

а а а

Работната посета на Ирска, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Даблин, ја започна со средба со ирскиот државен министер за европски прашања и одбрана, Томас Брн, која беше посветена на продлабочувањето на билатералните односи и институционалната соработка меѓу Северна Македонија и Ирска, со фокус на европската интеграција, реформските процеси и регионалната стабилност.

На средбата беше истакната важноста на имплементацијата на Реформската агенда и Планот за раст на ЕУ за ЗБ како главни двигатели на приближувањето кон Унијата. Поаѓајќи од пораките испратени од Самитот за Планот за раст на ЕУ што неодамна се одржа во Скопје, средбата овозможи и продлабочување на дијалогот околу натамошната имплементација на оваа иницијатива како инструмент за забрзување на интеграцијата.

Министрите разговараа за европската перспектива на земјата и претстојното ирско претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2026 година, како можност за дополнително зајакнување на соработката со земјите од Западен Балкан.

Муртезани се заблагодари за цврстата и доследна поддршка што Ирска ѝ ја дава на Северна Македонија, особено за нејзината принципиелна и гласна позиција за дебилатерализација на евроинтегративниот процес преку отфрлање на билатералните условувања и залагањето за пристапување засновано исклучиво на исполнети критериуми и заслуги, како основа за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на Унијата. Тој ја поздрави посветеноста на Ирска во нејзината активна улога во унапредувањето на евроинтегративниот процес во пресрет на претседавањето, особено преку подготовката на првата Ирска Стратегија за Западен Балкан.

Во светло на тековните подготовки на овој документ, како национална стратегија на Ирска, а кој треба да ја постави рамката за посистемска и продлабочена соработка со земјите од нашиот регион, министерот Брн оцени дека навремената посета на министерот Муртезани претставува вреден придонес за подготовката на Стратегијата, како и во насока на унапредување на политичкиот дијалог и соработката во делот на евроинтеграциите.

Брн и Муртезани разговараа за можностите што овој документ ќе ги отвори за засилено ирско дипломатско присуство во регионот, интензивирање на политичките билатерални контакти, поддршка за нашата реформската агенда, како и соработка во домените на културата, образованието и економијата. Тие исто така се осврнаа на регионалната стабилност и политиката на проширување на ЕУ, кои претставуваат централни елементи на ирските приоритети за време на претстојното претседавање со Советот на ЕУ и ќе бидат рефлектирани и во Стратегијата за Западен Балкан.

Mинистерите Муртезани и Брн се согласија дека во услови на зголемени геополитички превирања, зачленувањето во Европската Унија не е само политички избор, туку стратешка неопходност за зајакнување на европската безбедносна архитектура.

Соговорниците констатираа дека блокирањето на процесот на интеграција ја поткопува стабилноста на континентот, додека одржлива и предвидлива интеграција на земјите-кандидатки е во заеднички интерес. За време на средбата, Брн и Муртезани потенцираа дека проширувањето мора да остане меѓу клучните приоритети на Унијата и дека стабилна и обединета Европа е најдобриот одговор на предизвиците со кои се соочува и регионот на ЗБ и Унијата.

Министерот Муртезани исто така нагласи дека Владата на Северна Македонија е заинтересирана за иницијативи кои ќе помогнат во приближување кон Единствениот европски пазар, во спроведување на ЕУ-реформите и во подобро искористување на ИПА фондовите. Во тој контекст, двајцата министри разговараа за можностите за институционално партнерство и пренос на ирското искуство и знаење, вклучително и преку техничка помош и обуки за јавната администрација, во соработка со Ирскиот институт за јавна администрација и други релевантни институции.