[ФОТО] Денес има 53 години и тешка приказна: „Девојчето од Авганистан“ мислела дека Талибанците ќе донесат подобар живот, па избегала

Точка

03/07/2025

12:00

2.231

Големина на фонт

а а а

Кога имала само 12 години, лицето на „девојчето од Авганистан“ стана едно од најпознатите во светот.

 Нејзиното име го дознавме дури децении подоцна, а во изминатите две децении се откриваа деталите од нејзината биографија, обележана со војна, егзил и влијанието на културата.

„Девојчето од Авганистан“ (Авганистанско девојче) беа единствените зборови во описот на фотографијата која беше на насловната страница на јунското издание на списанието „National Geographic“ во 1985 година.


Фоторепортерот Стив Мекари го овековечи нејзиниот продорен поглед, зелените очи и загрижениот, сериозен, израз на лицето за време на посетата на границата меѓу Авганистан и Пакистан, каде што сакал да документира како војната влијаела врз луѓето.

Во бегалскиот камп, тој фотографирал неколку девојчиња на училишна возраст, а подоцна се откри дека не добил дозвола да ги фотографира, бидејќи фотографирањето е против паштунската култура, во која женските лица не се покажуваат на мажи надвор од семејството.


„Таа фотографија ми донесе многу проблеми… Повеќе би сакала никогаш да не беше направена. Добро се сеќавам на тој ден и на фотографот кој пристигна во училиштето во кампот Насир Баг. Бев дете. Не сакав да се фотографирам. Во авганистанската култура, жените не се појавуваат на фотографии. Но, немаше многу избор“ изјави „Мона Лиза на Авганистан“ за италијанскиот весник „Ла Република“ во 2022 година.

Идентитетот на девојката и нејзиното име – Шарбат Гула – беа откриени 17 години подоцна. Во 1990-тите, Мекари неколку пати се обидел да открие која е таа, а во 2002 година отпатувал во Авганистан, каде што неколку жени тврделе дека токму нив ги фотографирал во средината на 80-тите, додека неколку мажи тврделе дека тоа биле нивните сопруги.


На крајот, тој сретнал маж кој го познавал братот на Шарбат, а нејзиниот идентитет бил потврден со помош на софтвер за препознавање на ирис.

Со оглед на тоа дека живее во согласност со религиозните и општествените норми на нејзината културна средина, Шарбат носела бурка кога Стив Мекари ја пронашол и не се гледала со мажи надвор од семејството, па се двоумела кога била поканета да се сретне со него. Се покажало дека не била свесна колку нејзиното лице станало познато во светот и рече дека била изненадена кога дознала бидејќи никогаш не ги сакала медиумите ниту фотографирањето.


„На почетокот бев загрижена поради публицитетот на мојата фотографија, но потоа дознав дека таа била поддршка и помош за многу бегалци и тоа ме направи среќна“ рекла тогаш Шарбат.

Каков бил животот на „девојчето од Авганистан“ по познатата фотографија?

Во средината на осумдесеттите години, веќе една година откако бил создаден еден од најпознатите портрети на 20 век, Шарбат се омажила за пекарот Рахмат Гула кога имала само 13 години. Со него добила три ќерки: Робин, Захид и Аџлан, како и девојче кое починало кратко по породувањето, а потоа и син.

Нејзиниот сопруг починал од хепатитис Ц во 2012 година.


Таа во едно ретко интервју истакнала дека се надева дека нејзините деца ќе можат да се образуваат, а на прашањето дали се чувствува безбедно имала изненадувачки одговор.

„Не. Но, животот под Талибанците беше подобар. Барем имаше мир и ред“ рекла таа, а кога ја прашале како преживеала, одговорила дека зад тоа стои „божјата волја“.

Таа живеела во Пакистан до 2017 година, кога била депортирана во Авганистан поради обвинувања дека личните карти на нејзините две деца биле фалсификувани. Поминала 15 дена во притвор, пред да биде вратена во татковината, каде Шарбат и нејзиното семејство биле пречекани во Кабул од тогашниот претседател Ашраф Гани и поранешниот претседател на Авганистан Хамид Карзаи.


Наскоро од државата добила дом од 280 квадратни метри и 700 долари месечно за трошоци за живот и лекување.

Европа, новиот дом на Шарбат Гула

Сепак, по падот на Кабул во 2021 година, Талибанците им се заканија на истакнатите жени како Шарбат Гула, поради што таа заминала во Италија, каде што добила статус на бегалец. Ова ѝ донесе нова можност во животот – да ја оствари својата голема желба една од нејзините ќерки да се образува.


„Кога се вративме во Кабул, владата нѝ обезбеди сместување и нè поддржа, но семејството на мојот покоен сопруг не се согласи нашата ќерка да добие образование, иако таа го сакаше тоа. Не можев ништо да направам за да сменам нешто. Денес можам. Тука сме слободни, можеме да избираме. Мојата ќерка сака да стане докторка, а јас ветив дека ќе направам сè што можам за да ја остварам нејзината желба“ раскажа Шарбат.

Како што додаде, ѝ се допаѓа животот во Италија, луѓето се љубезни, колку што можела да забележи со оглед на јазичната бариера, а на почетокот била особено задоволна што никој не ја препознавал.


„Кога дојдов, малкумина знаеја која сум, а тоа ми одговараше. Меѓутоа, во една прилика се најдов во болница, каде што лекарите и медицинските сестри ме погледнаа љубопитно и ме прашаа дали сум девојчето од фотографијата. Заклучија дека не сум. Само мојот професор по италијански, докторот и уште неколку други беа свесни за мојата приказна и бев среќна поради тоа“, истакна Гула.