Арсенал како клуб претстави само едно летно засилување во досегашната фаза на преодниот рок, но ангажманот на Кепа Аризабалага ниту одблиску не ги задоволува апетитите на фановите на клубот од Северен Лондон, а за тоа се свесни и Микел Артета, но и одговорните луѓе за спортскиот проект.
„Топчиите“ во исто време водат преговори со повеќе фудбалери и посебен фокус се дава на Виктор Ѓекереш од Спортинг Лисабон, но од друга страна, Арсенал е сериозно активен и на трансфер пазарот во Шпанија.
Покрај напредните преговори со Мартин Зубименди, Арсенал е на добар пат да добие млад и веќе докажан стопер, бидејќи Артета доби супер вест и од Валенсија.
Кристијан Москера ја одби понудата за нов договор од Валенсија според која требаше да добива 3,2 милиони евра по сезона, а со оглед на тоа што му преостануваат само 12 месеци од важечкиот договор, сега „лилјаците“ се приморани да седнат на маса со Арсенал и да пронајдат заеднички јазик.
Валенсија минатиот месец ја одби првата понуда вредна 16 милиони евра, но како што јавуваат шпанските медиуми, сега во најскоро можно време ќе пристигне втората од Северен Лондон, која раководството на клубот ќе мора добро да ја разгледа.
Во ситуација кога фудбалерот не става потпис на нов договор, за Валенсија ова е последна шанса да добие солидна сума на пари за 21-годишниот стопер, кој предност му дава на Арсенал пред матичниот клуб, но и пред Интер и Милан кои исто така беа заинтересирани за неговиот потпис.