Новак Ѓоковиќ надмина мала криза во првото коло на Вимблдон и веќе во втората рунда ќе ја има публиката против себе на централниот терен во Ол Ингланд клубот, од едноставна причина што српскиот тенисер ќе игра против домашен миленик.
Даниел Еванс бележи значителен пад на АТП листата и е далеку од својата најдобра форма, но како по традиција, посебно е мотивиран кога игра на домашен терен, па така и самиот најави дека нема да мисли на противникот, туку на својата игра во пресметката со седумкратниот шампион.
Ѓоковиќ влегува како апсолутен фаворит за победа, но интересно, двајцата досега имаат само една меѓусебна пресметка, а истата ја доби Еванс во Монте Карло во 2021-ва година.
– Далеку е поинаку кога треба да го добиете Ноле во три сета, но и Монте Карло е голем турнир. Сега ќе играме на подлогата на која тој е најдобар, па очекувам да биде уште потешко.
– Кога играм против најдобрите, не мислам на нивната игра, за мене е важно тоа што јас го правам на теренот. Двајцата имаме јасна цел, сакаме да победиме и ќе се обидам јас да бидам тој што ќе се радува. Многу го почитувам Новак, тој е голем шампион и направи чуда за тенисот. Практично освои се што може да се освои, но јас знам дека имам шанса и дека можам да го победам по вторпат. Морам да ја играм мојата играм, не смеам да си дозволам да излезам на терен со преголем респект кон противникот, – вели Еванс.