Интер ги загуби сите три титули за кои се бореше на крајот од сезоната под водство на Симоне Инѕаги, па иако требаше да влезе со освежени мисли на Светското клупско првенство предводен од нов тренер, италијанскиот тим доживеа големо разочарување уште во осминафиналето.
Флуминенсе оствари победа со 2:0 и го испрати Интер дома многу порано од предвиденото, а во целата конфузија на теренот, се отвори и „воен фронт“ меѓу двајца елитни фудбалери од соблекувалната.
Лаутаро Мартинез како капитен го прозва Хакан Чалханоглу и му порача што побрзо да си замине ако не сака да игра за Интер, но неколку часа подоцна, пристигна дрзок одговор од Турчинот со што јасно стави до знаење дека меѓусебниот однос е нарушен.
Чалханоглу во долгото обраќање преку социјалните мрежи нагласи дека пораката на Лаутаро само ќе го расипе единството во тимот, а по сплетот на сите овие неочекувани околности, пристигнала реакција и од Кристијан Киву кој побарал итен и ургентен состанок со фудбалерите.
Како што јавуваат неколку угледни италијански медиуми, Киву одржал состанок со фудбалерите во САД и им испратил јасна порака на фудбалерите пред да заминат на годишни одмори, односно им порачал дека единството и тимот ќе бидат на прво место на стартот на подготовките.
Романецот се обидел да ја смири тензијата и да ја спушти топката на земја по фронтот кој го отворија Лаутаро и Чалханоглу, со тоа што Хакан не бил дел од состанокот поради фактот што си замина од САД неколку дена претходно.