Герасимовски со водњанци: Реконструирани 20 улици во општината, приоритет се безбедноста и подобра инфраструктура во маалата

Макфакс

01/07/2025

10:51

135

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на караванот „Се гледаме во маало“, се сретна со жителите на Водно. Средбата помина во конструктивна атмосфера, каде отворено беа споделени проблемите и предлозите за унапредување на маалото.

Жителите побараа поставување урбана опрема на повеќе локации, а изразија загриженост за безбедноста во сообраќајот, поради несовесните возачи. Побараа „лежечки полицајци“ и сообраќајни знаци за намалување на брзината, како и редовно кастрење на зеленилото што го попречува пешачкиот простор. Ја пофалија и работата на хигиеничарите кои , како што рекоа , се постојано на терен и посветено се грижат за чистотата, известува општина Центар.

Герасимовски посочи дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината. Во делот на Долно Водно е завршена реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“, на потег долг 700 метри, за што се издвоени 13 милиони денари.

Претходно беше реконструирана и улицата „Антон Панов“.

„Инфраструктурата и поврзаноста на Центар ни се приоритет. Реконструиравме 20 улици низ целата општина, затоа што секое маало заслужува уреден јавен простор и безбедни улици“, истакна градоначалникот Герасимовски.

Караванот продолжува денеска во Пајко Маало (кај Филхармонија), со почеток во 18:30 часот.