„Демократската унија за интеграција најостро го осудува поставувањето на еднојазични патни табли на влезот во Струга, чин што претставува директна и намерна провокација кон Албанците и вредностите на соживотот во државата“, велат од ДУИ.
„Кога Владата поставува патна сигнализација само на македонски јазик во град како Струга, тоа не може да се нарече техничка грешка. Тоа е јасна политичка порака. Провокација. Дел од една продолжена и системска стратегија на исклучување.
Исклучувањето на албанскиот јазик, игнорирањето на Албанците во институциите, негирањето на нивниот придонес и вредности станаа одлика на оваа моноетничка влада.
Се поставува прашањето: кому му служат овие постојани понижувања? Кој има интерес од зголемување на тензиите? И дали ова е цената што Владата ја плаќа за учеството во проектот „Српски свет“?
Секојдневно се преминуваат црвените линии. ДУИ бара итно отстранување на еднојазичните табли и нивно усогласување со Уставот и законите каде што албанскиот јазик е официјален и рамноправен.
Албанската заедница нема да молчи пред обидите за бришење на албанскиот јазик од јавниот простор“, се додава во соопштението на ДУИ.