Повеќе од 50.000 луѓе се евакуирани поради шумски пожари што главно ги зафатија покраините Измир, Маниса на запад и Хатај на југоистокот од земјата, објави денес Турската агенција за вонредни ситуации.
„Повеќе од 50.000 граѓани од 41 град се привремено преместени во безбедни подрачја“, напиша агенцијата на платформата Икс.
Округот Сеферихисар во покраината Измир, на запад од Турција, беше најтешко погоден од пожарите што беснеат од неделата.
Вкупно 42.300 луѓе беа евакуирани од шест локалитети во Сеферихисар, додека 2.936 и 1.500 луѓе беа преместени од покраините Маниса и Хатај, соопшти агенцијата, додавајќи дека 79 лица беа накратко хоспитализирани.
Во покраината Измир, пожарот оштетил 132 куќи и една деловна зграда, додека во Билеџик биле погодени 64 куќи, три деловни згради и 20 амбари, наведува агенцијата.
Борбата со пожарот продолжи утрово во покраините Измир и Маниса, каде што куќите и индустриските зони се погодени од шумскиот пожар од неделата.
Шумски пожар избувна во понеделникот во близина на центарот на градот Хатај, каде што предизвика паника кај населението, според турските медиуми.
Пожарот во покраината Измир, кој избувна околу 13:00 часот во неделата, брзо се проширил поради ветровите што достигнале брзина помеѓу 70 и 117 километри на час, изјави во недела гувернерот на Измир, Сулејман Елбан.