СДСМ да се огради од Костадинов, а ЈО да го праша како планира да му се освети на Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

30/06/2025

13:38

221

Големина на фонт

а а а

СДСМ молчи и по 15 часа од заканата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ – Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од редовите на владејачката партија, Бране Петрушевски, рече дека СДСМ и нивниот лидер, Венко Филипче, преку Костадинов имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.

„Ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика. Дополнително ги повикуваме медиумските здруженија да го осудат истиот. А воедно, упатуваме апел до ЈО да го повика Костадинов и да го праша дали и како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него“, рече Петрушевски.

Претходно Латас рече дека таткото на Костадинов ја искоцкал куќата, а Костадинов за пет години го вратил тоа, заработувајќи куќа, коли, мотори. По ова се огласи Костадинов на социјалните мрежи, со објава дека татко му е починат, а кај нив кога некој ќе ја чепне честа на мртов човек, правдата не се моли туку се зема. Неговата објава е насловена „Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!“, а во продолжение додава: „И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности“, се вели во објавата.

ВМРО-ДПМНЕ ја осуди пораката на Костадинов како повик за убиство и линч врз новинарот и во соопштение до јавноста порача до МВР да го повика градоначалникот на распит.