Муртезани: 150 институции и над 800 експерти ќе учествуваат во подготовката на преговарачките позиции со ЕУ

Макфакс

30/06/2025

12:40

116

Големина на фонт

а а а

Пред една година започнавме со јасна цел: да ѝ дадеме нов импулс на европската агенда на земјава. Денес, по 12 месеци посветена работа, подготвени сме да покажеме не само отчет, туку резултати што отвораат реални перспективи, изјави министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

Тој рече дека е ревидирана преговарачката структура и дека 150 институции и над 800 експерти ќе учествуваат во подготовката на преговарачките позиции.

„Ја ревидираме преговарачка структура, на линија на новата реорганизација на органите на државната управа, земајќи ги при тоа предвид и новините во пристапните преговори во насока на зајакнување на дијалогот за ЕУ. Министерството за европски прашања е институцијата која ја има централната координативна улога во националниот механизам за координација на процесот на интеграција, но истиот вклучува околу 150 институции и над 800 експерти од администрација, кои ќе учествуваат во подготовката на преговарачките позиции. Сето ова го правиме со фокус на суштината, а тоа се реформите“, рече тој.

Муртезани додаде дека најголемиот поттик за реформската енергија дошол преку Планот за раст и Реформската агенда.

„Ги завршивме сите законски процедури пред останатите земји во регионот и ги повлековме средствата од претфинансирањето во висина од 52,5 милиони евра. Го доставивме и првото барање за ослободување на средства – 17 милиони евра, од кои над 9 милиони се за капитални инвестиции. Ова покажува политичка зрелост, лидерство и подготвеност да ја донесеме Европа дома, преку реализација на реформите во областа на владеење на правото и зајакнување на правната држава, унапредување на системот за управување со јавните финансии, поддршка за енергетска транзиција и нови стандарди во корпоративното управување“, рече министерот.

Муртезани додаде дека е координирано ревидирањето на Индикативната листа на инвестициски проекти во рамки на Инструментот за раст и реформи и Реформската агенда, како и планирање на процесот на аплицирање при Инвестициската рамка за Западен Балкан. Истакна дека листата во моментот опфаќа 19 проекти во вкупна вредност од 1,1 милијарда евра во рамки на кои се планирани 400 милиони евра ИРЗБ (WBIF) грантови.

Муртезани кажа дека добиени се 4 грантови за техничка помош при Инвестициската рамка за Западен Балкан и аплицирано е со два проекти за Техничка помош и 2 инвестициски грантови при ВБИФ за техничка помош за Северна Македонија.

Истовремено, додаде тој, го финализиравме програмирањето на ИПА 2025-2027, со 67 милиони евра насочени кон стратешки сектори, вклучително и владеење на правото, образованието, јавната администрација и иновациите.

Министерот рече дека се преведени 20.000 страници од правото на ЕУ.

„Знаеме дека ниту една реформа не може да успее без институции што разбираат и зборуваат на ист јазик со Унијата. Затоа вложивме сериозни ресурси во превод на правото на ЕУ: над 20.000 страници, со дополнителни 35 милиони денари буџетска поддршка за 2025 година. Но, одиме чекор понатаму: со поддршка од Европската комисија започнуваме пилот-проект за употреба на вештачка интелигенција во процесот на транспозиција и превод. Северна Македонија е прва во регионот во овој напреден пристап“, рече тој.

На крајот истакна дека Министерството работи со факти, со бројки, со реални ефекти врз граѓаните.

„Со овие резултати, не само што го зацврстуваме кредибилитетот дома, туку испраќаме порака и до Брисел дека Северна Македонија е подготвена, со капацитети, со волја и со визија“, рече Муртезани.