Британската полиција вчера соопшти дека размислува да отвори истрага откако изведувачите на музичкиот фестивал Гластонбери испратија антиизраелски пораки за време на нивните настапи.
„Свесни сме за пораките испратени попладнево на настапите на сцената Вест Холтс на фестивалот Гластонбери“, соопшти полицијата во Ејвон и Сомерсет во западна Англија доцна во саботата на Икс.
Ирската хип-хоп група „Никап“ и панк дуото Боб Вилан извикуваа антиизраелски слогани за време на одделни настапи на сцената во Вест Холтс во саботата. Еден од членовите на Боб Вилан извикуваше „Смрт, смрт за ИДФ“ – израелските одбранбени сили.
„Полициските службеници ќе ги испитаат видео доказите за да утврдат дали се извршени какви било прекршоци што би барале кривична истрага“, се вели во полициското соопштение. Израелската амбасада во Велика Британија изјави дека е „длабоко вознемирена од навредливиот говор на омраза“ што се слушна на фестивалската сцена.
Премиерот Кир Стармер претходно овој месец изјави дека „не е соодветно“ „Никап“ да настапува на Гластонбери. Фронтменот на бендот беше обвинет за тероризам минатиот месец, за наводно прикажување на знамето на Хезболах, милитантна група поддржана од Иран, на концерт во ноември. Тој ги негираше обвиненијата.
Британскиот министер за здравство, Вес Стритинг, рече дека антиизраелските скандирања на Гластонбери се „ужасни“ и дека организаторите на фестивалот, како и Би-би-си, која го емитува, треба да бидат одговорни. Но, тој додаде дека е и згрозен од насилството што го вршат израелските доселеници на окупираниот Западен Брег.
„Исто така, би ја повикал израелската амбасада прво да се погледне себеси, кога станува збор за однесувањето на нивните жители и доселеници на Западниот Брег“, изјави Стритинг за „Скај њуз“. „Би сакал посериозно да разгледаат колку се насилни нивните граѓани кон Палестинците“, рече тој.