Двајца пожарникари беа застрелани додека се бореа со шумски пожар во северниот дел на Ајдахо, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Кутенај, додека полицајците користеа снајперисти за да го елиминираат сторителот или повеќе сторители.
Шерифот Боб Норис на прес-конференција изјави дека не е веднаш јасно дали имало еден или повеќе напаѓачи, додавајќи дека цивили можеби биле погодени во инцидентот што се случил во дивината околу планината Канфилд во градот Кор д’Ален.
„Подготвени сме да го неутрализираме осомничениот кој во моментов активно пука кон службениците за јавна безбедност“, рече Норис.
Истрелите доаѓале од повеќе насоки, рече тој, што укажува дека биле вклучени повеќе сторители. Тој додаде дека напаѓачите користеле спортски пушки со голема моќност и дека „не покажуваат знаци на предавање во овој момент“.
„Сторителите биле во густа област со вегетација и биле добро подготвени и вклопени во околината. Доколку не бидат неутрализирани наскоро, оваа операција би можела да потрае неколку дена“, потврди тој.
„Полицијата истражува дали пожарот бил намерно подметнат за да се привлечат пожарникари на местото на настанот“, изјави за Еј-би-си Њуз, шерифот на округот Кутенај, Џеф Хауард.
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, била известена за пукањето, објави Еј-би-си Њуз. Пожарникарите биле повикани на местото на настанот околу 13:12 часот по локално време, рече Норис, а околу 40 минути подоцна било јавено дека се пука на нив.
Видео снимките од местото на нападот покажуваат чад како се издига од густо пошумената планинска падина и вооружени полицајци кои се подготвуваат да одговорат на нападот, додека повеќе амбулантни возила влегуваат во блиската болница. „Техничките тимови на ФБИ моментално обезбедуваат поддршка на местото на настанот“, рече заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино, на платформата Икс.
„Местото на настанот останува активно и опасно“, додаде тој.
„Ова е гнасен, директен напад врз нашите храбри пожарникари“, напиша гувернерот на Ајдахо, Бред Литл, на Икс, повикувајќи ги жителите на Ајдахо да се молат за нив и нивните семејства додека се објавуваат повеќе информации.
Литл не даде дополнителни детали за тоа дали има уште повредени или како се одвивал инцидентот. „Додека оваа ситуација продолжува да се развива, ве молиме останете подалеку од областа за да им дозволите на службениците за спроведување на законот да ја работат својата работа“, продолжи тој.