Ако сте љубители на освежителни и кремасти овошни колачи, испробајте го овој едноставен рецепт кој не бара брашно ниту пудинг.
За овој колач ќе ви бидат потребни малини, но може да користите и други видови овошје, како што се јагоди и боровинки.
Состојки:
120 грама пишкоти
200 мл млеко
120 грама гриз
100 грама шеќер
едно јајце
две кесички ванилин шеќер
600 милилитри млеко
250 грама путер
300 грама малини
За декорација:
200 грама шлаг од кесичка
400 милилитри млеко
Подготовка:
За почеток, во сад истурете 200 милилитри млеко па додадете гриз, едно јајце, шеќер и ванилин шеќер и матете. Во тенџере истурете 600 милилитри млеко и варете на тивок оган. Кога млекото ќе зоврие, истурете ја смесата со гриз и варете додека да се згусне.
Префрлете ја смесата во сад, покријте ја со пластична фолија и оставете да се излади. Потоа, изматете ја смесата и додадете го путерот на собна температура и повторно изматете. Земете ги пишкотите и малку потопете ги во млеко, а потоа наредете ги во калапот. Поделете ја смесата на два дела и со едниот дел премачкајте ги пишкотите.
Потоа додадете ги малините и премачкајте со остатокот од смесата. Оставете го колачот во фрижидер неколку часа за да се соединат состојките, а потоа изматете го шлагот со млеко според упатствата од кесичката. Премачкајте го колачот со шлагот и декорирајте по желба.
Извор: Aurora Recepti