Центар стагнира, а центарци ги живеат последиците од неисполнетите ветувања. Градоначалникот Герасимовски многу вети – но малку направи. По 4 години, неговите ветувања се само празни букви на хартија, истакна на прес-конференција Марина Вишинска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градинката во Маџир Маало, градинка во клинички центар, воспитно-образовен центар со градинка и училиште во парк 1 – се само илузија и постојат само на хартија“.
Според неа, клучните проекти за деца и образование останаа само зборови.
„И додека тој се фали со „грижа за најмладите“, реалноста е – никаква реализација.
Монтажен паркинг со 296 места во Дебар Маало, Катната гаража спроти ПУИК, монтажен паркинг, во Пролет, гаража од 10.000 м2 кај Клиничкиот центар – ги нема во реалноста, ниту се планирани.
Наместо решено паркирање, центарци добија само хаос и изневерени очекувања.
Парк и нова административна зграда на локација ПУИК, Парк со игралиште кај Клинички центар и игралиште кај Куќата на Есма во Кале, се само празни ветувања на Герасимовски. Зеленилото и спортските површини постојат само во предизборни брошури.
А кај „Треска“ што добивме – бетонизација. Центар ја губи душата но кој профитира“, прашува таа.
За неа тоа се четири години само празни ветувања. И денес, како што додаде, истиот човек повторно ветува и повторно бара доверба.
„Со кое лице? Зарем навистина мисли дека центарци забораваат. Центарци заслужуваат повеќе од лажни ветувања“, истакна Висинска.