Фон дер Лајен: Ја повикувам унгарската влада да ја отфрли забраната за „Парадата на гордоста“

Макфакс

26/06/2025

11:54

160

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика унгарските власти повторно да ја разгледаат забраната за „Парадата на гордоста“ најавена за сабота во Будимпешта и да се откажат од евентуалното казнување на нејзините учесници.

„Парадата на гордоста“ во унгарската престолнина мора „да се одржи без страв од кривично или административно гонење на организаторите или учесниците“, напиша Фон дер Лајен на X.

„Испраќам порака до LGBTIQ+ заедницата во Унгарија и на други места дека секогаш ќе бидам нивен сојузник“, додаде таа.

Во Будимпешта, од една страна, полицијата ја забрани „Парадата на гордоста“, додека градоначалникот Гергели Карачони, противник на десничарската влада на премиерот Виктор Орбан, одлучи да го одржи собирот.

Министерот за правда, Бенс Тусон, им пишал на амбасадорите од другите земји од ЕУ, велејќи дека ниту тие ниту нивните соработници не треба да имаат дозвола да учествуваат во маршот. „Правната ситуација е јасна, „Парадата на гордоста“ е забрането собирање“, напиша тој во писмо до кое увид има АФП.

И покрај забраната, голем број европратеници изјавија дека ќе дојдат во Будимпешта за да учествуваат на маршот во сабота.

Организаторите на маршот очекуваат рекордна посетеност, и покрај она што го велат Орбан и неговиот кабинет.

Премиерот им советуваше на организаторите „да не се мачат со подготовка на маршот оваа година“. „Тоа е губење пари и време“, рече тој пред да гласа за законските измени насочени кон забрана.

Властите, од друга страна, побараа поворката да се одржи на затворено место, како што е стадион или хиподром, подалеку од погледот на малолетници.