Синдикат на култура: Работници немаат добиено плата за мај, инструкции се даваат по телефон

Макфакс

26/06/2025

10:50

143

Големина на фонт

а а а

Две институции од областа на културата, НУ Стоби и ЈУ Универзална сала, немаат плата за мај. Причината лежи во тоа што Министерството за култура одбива да ги почитува одлуките на Управните одбори на овие институции и бара платите да се исплатат спротивно на Колективните договори и важечката законска регулатива, велат од Синдикатот на културата.

Од таму велат дека новото име на Министерството за (култура) и туризам е „нема плата“.

Синдикатот тврди дека од Министерството за култура телефонски се даваат инструкции за пресметка на платите спротивно на одлуките на Управните одбори, со образложение дека тоа било наложено од Министерството за финансии.

Со ова, велат од Синдикатот, ги става директорите под ризик да бидат обвинети за непочитување на законските одредби.

„Безобразието оди дотаму што, кога институциите уредно ќе побараат писмен документ како основа за такви противзаконски насоки, одговорот е закана: ‘нема да земете плата со месеци’. Со тоа, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни“, се вели во соопштението.

Од Синдикатот велат дека министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, останува пасивен набљудувач на ситуацијата, свесен дека Министерството за култура во континуитет ги крши законите на штета на културните работници.

Синдикатот бара од Министерството за култура веднаш да ги исплати платите согласно одлуките на Управните одбори, а доколку повторно се повика на Министерството за финансии како кочничар на исплатата на платите согласно закон, Синдикатот бара јавно да ги објави одредбите со кои ќе бидат поткрепени овие тврдења дека исклучиво Министерството за финансии е одговорно за кратењето на правото на плата на вработените во културата.