По една година од преземањето на одговорноста за водење на владата, ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски започнуваат голема акција на јавна отчетност и отворена комуникација со граѓаните – трибини низ цела Македонија под слоганот:„Ги градиме темелите на промените – доаѓа времето на Македонија“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, оваа иницијатива е израз на нивната определба за транспарентно, одговорно и отчетно работење.
„Граѓаните имаат право не само да слушнат, туку и да прашаат, да кажат, да предложат свои сугестии, идеи и критики со кои ние ќе станеме подобри и пофункционални. Затоа овие трибини ќе бидат можност да секој еден да учествува, да дискутира и да придонесе. Министрите, премиерот и владиниот тим ќе бидат присутни на трибините. Ќе презентираме што сработивме, што започнавме, со што се соочивме и што следува. Ќе зборуваме за проектите, за реформите, за чекорите напред. Но и ќе слушаме. Ќе слушаме од народот, затоа што нашата политика се темели на гласот и интересот на граѓаните“, рече Манасиевски.
Првата трибина ќе се одржи денес во Прилеп на градскиот плоштад во 19:30ч, насловена како „Економски раст и дигитална трансформација’’, а потоа следуваат трибини низ сите краишта на Македонија – во градови и села.
На првата трибина ќе се обрати претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии, Елена Петрова – директорка на Управата за јавни приходи, Стефан Андоновски – министер за дигитална трансформација и Бојан Стојаноски – пратеник во македонското Собрание.