Белата куќа: Извештајот за нападот врз Иран на „Си-ен-ен“ му го даде анонимен губитник од низок ранг

Макфакс

25/06/2025

10:59

327

Големина на фонт

а а а

Американските медиуми објавуваат дека првичната проценка направена од Агенцијата за разузнавање на Министерството за одбрана на САД (DIA) покажала дека нападите на САД врз Иран само привремено ја забавиле неговата нуклеарна програма – и тоа само за неколку месеци.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, се огласи на социјалните мрежи за да ја нападне самата проценка.

„Таа наводна проценка е сосема погрешна и е класифицирана како строго доверлива, но сепак беше протечена и објавена од ‘Си-ен-ен’ од ниско рангиран губитник во разузнавачката заедница. Објавувањето на таа наводна проценка е јасен обид да се понижи претседателот Трамп и да се дискредитираат храбрите борбени пилоти кои совршено ја извршија мисијата за уништување на нуклеарната програма на Иран. Секој знае што се случува кога ќе фрлите четиринаесет бомби од 13.600 килограми точно во целта: тотално уништување“, изјави портпаролката на Белата куќа.

„Си-ен-ен“ објави дека извор запознаен со проценката потврдил дека прелиминарната анализа сугерира дека нападите ја вратиле програмата само за неколку месеци назад и не ги уништиле објектите.

Според изворот, нападите врз објектот Фордоу ги урнале влезовите, но инфраструктурата за збогатување ураниум, која се наоѓа подлабоко под земја, останала во голема мера недопрена.

Истиот извор ги оспорува тврдењата на Ливит за сомнителниот квалитет на извештајот, велејќи дека прелиминарните проценки обично се покажуваат како точни.