Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, ќе раководи со друга институција, а не со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Богојески на „Фејсбук“ објави дека имал средба со премиерот, Христијан Мицкоски, на која биле договорени неколки работи.
„Денес остварена е официјална средба помеѓу претседателот д-р Петар Богојески и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Христијан Мицкоски, на која беше констатирано следното: Прво, потврдена е добрата соработката во рамки на Коалицијата “Твоја Македонија”. Второ, дадена е позитивна оценка за досегашното функционирање на Владата на Коалицијата со назнака за дополнителен фокус во одредени подрачја од политичките приоритети. Трето, договорен е заеднички настап на следните Локални избори 2025 година, при што споделено е убедување во голема победа. Четврто, договорена е прераспределба на позиции и институции кои ќе ги раководи Македонски Концепт во рамки на извршната власт, со што потврдено е дека претседателот на Македонски Концепт д-р Петар Богојески ќе раководи со друга институција“, објави Богојески.
Тој додава дека Македонски Концепт ги доставила своите сугестии за програмските приоритети на Владата за наредната година, за што јавноста ќе биде навремено информирана.