Иран: Кина и Русија нè предадоа

Макфакс

23/06/2025

18:02

699

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неоправданите американски напади врз иранските нуклеарни постројки го ставаат светот во голема опасност и вети дека ќе се обиде да им помогне на луѓето од Исламската Република.

Американскиот претседател Доналд Трамп и Израел јавно изнесоа шпекулации за атентатот врз врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и промената на режимот, чекори за кои Русија се плаши дека би можеле да го втурнат целиот регион во голема војна, анализираат светските медиуми.

Путин денес го прими иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Кремљ, заедно со неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот за надворешна политика на Кремљ Јуриј Ушаков и Игор Костјуков, шеф на руската воена разузнавачка агенција ГРУ.

„Апсолутно неиспровоцираната агресија против Иран нема основа или оправдување“, му рече Путин на Аракчи, додавајќи дека сака да разговара за начините за смирување на кризата.

„Од наша страна, ние вложуваме напори да му помогнеме на иранскиот народ.“

Аракчи требало да му достави на Путин писмо од ајатолахот Хамнеи во кое врховниот лидер бара поголема помош од Русија, изјавил висок извор за Ројтерс. Нема потврда од Москва дека ова се случило.

Иран досега не е импресиониран од руската поддршка, изјавиле ирански извори за Ројтерс, а земјата сака Путин да направи повеќе за да го поддржи против Израел и САД. Иранските претставници велат дека сметаат дека Русија не направила доволно за да го поддржи Техеран и се чувствуваат предадени од големите сили како Русија и Кина. Изворите не објаснија каков вид помош сака Техеран, пренесува медиумот.

Путин, чија војска води војна во Украина, покажа мал интерес за конфликт со САД околу Иран во време кога Трамп се обидува да ги поправи односите со Москва, истакнува Ројтерс. Русија потпиша договор за стратешка соработка со Иран во јануари, но тој договор не вклучуваше клаузула за меѓусебна одбранбена помош.