Ројтерс: Се забрзува изборот за наследник на иранскиот ајатолах: Две имиња се издвојуваат

Точка

23/06/2025

20:03

1.838

Големина на фонт

а а а

Тричлена комисија од врховното религиозно тело, која лично ја именувал ајатолахот Али Хамнеи пред две години, за да го идентификува неговиот наследник, ги забрзала своите планови во последните денови откако Израел го нападна Иран и се закани дека ќе го убие лидерот, пишува Ројтерс.

Хамнеи редовно добива извештаи за разговорите. Ројтерс тврди дека тој се крие со своето семејство и дека го чува специјална единица на Револуционерната гарда Вали-је Амр.

Владејачката структура веднаш ќе се обиде да назначи наследник на Хамнеи доколку тој биде убиен, со цел да испрати порака за стабилност и континуитет.


Новиот лидер дефинитивно ќе биде избран поради неговата лојалност кон револуционерните принципи на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини, тврдат извори на Ројтерс.

Меѓутоа, врвните функционери размислуваат и за кандидат кој би можел да претстави поумерена политика, за да се спречат надворешни напади и внатрешни немири.

Двајцата главни кандидати што се појавија во дискусиите за наследник се 56-годишниот син на Хамнеи, Моџтаба, кој долго време се сметаше за кандидат за континуитет, и новиот кандидат, Хасан Хомеини, внук на таткото на Исламската револуција.


Хомеини, близок сојузник на реформистичката фракција која се залага за ублажување на социјалните и политичките ограничувања, сепак ужива почит кај високите свештеници и Револуционерната гарда поради неговото потекло.

„Уште еднаш понизно изразувам дека овој мал и безначаен слуга на иранскиот народ е подготвен да со гордост да присуствува на секој фронт или место што го сметате за потребно“, рече 53-годишникот во јавна порака за поддршка на врховниот лидер во саботата, неколку часа пред САД да ги бомбардираат нуклеарните постројки на Иран.

Хомеини стана сериозен кандидат овој месец среде конфликт со Израел и Америка, бидејќи можеше да претставува попомирувачки избор, и на меѓународно и на домашно ниво, во споредба со Моџтаба Хамнеи.


Спротивно на тоа, Моџтаба Хамнеи останува посветен на тврдокорните политики на својот татко, според упатените кои предупредија дека сè уште ништо не е одлучено, а кандидатите може да се променат и врховниот лидер ќе го има последниот збор.

Сепак, со оглед на тоа што воениот конфликт е во тек, останува нејасно дали новиот лидер би можел лесно да биде избран и дали би можел да го стекне нивото на авторитет што го ужива Хамнеи.

Планирањето за пренос на власта веќе беше во тек поради возраста на Хамнеи и долгогодишните здравствени проблеми на лидерот кој со децении доминираше во сите аспекти на иранската политика.

Итноста на задачата беше дополнително нагласена во септември кога Израел го уби лидерот на Хезболах, Сајед Хасан Насрала, близок сојузник на Хамнеи, а планирањето значително се забрза овој месец по израелските напади врз земјата, по што следеа американските напади минатиот викенд.


Хамнеи јавно не изразил никаква преференција за свој наследник. Извори наведуваат дека тој постојано се спротивставувал на идејата неговиот син да ја преземе власта, загрижен за можните сугестии дека Иран се враќа на наследниот систем на владеење што заврши со соборувањето на Шахот во 1979 година.

Блиските врски на Хасан Хомеини со реформистичката фракција на иранската политика, која во текот на 1990-тите спроведувала неуспешна политика на отворање на Иран кон надворешниот свет, доведоа до тоа порадикалните функционери да го спречат да се кандидира за членство во Собранието на експерти во 2016 година.

Планерите на наследувањето се свесни дека Хомеини веројатно ќе биде поприфатлив за иранскиот народ од тврдокорните, изјавија внатрешни извори за Ројтерс. Минатата година, тој предупреди на „криза на растечко народно незадоволство“ поради сиромаштијата и оскудноста.


Спротивно на тоа, ставовите на Моџтаба Хамнеи се совпаѓаат со ставовите на неговиот татко, од пресметка со противниците до заземање тврд став против странските непријатели, што инсајдерите го оценија како опасно во сегашната ситуација кога Иран е под напад.

Неколку кандидати кои долго време се сметаа за можни наследници на Хамнеи веќе починаа.

Поранешниот претседател Хашеми Рафсанџани почина во 2017 година, поранешниот шеф на судството Махмуд Хашеми Шахруди почина од природна смрт во 2018 година, а поранешниот претседател Ебрахим Раиси почина во хеликоптерска несреќа во 2024 година. Друг висок свештеник, Садег Амоли Лариџани, е маргинализиран.

Други, како што е членот на Собранието на експерти, ајатолахот Алиреза Арафи, остануваат во игра, но паднаа во втор план во споредба со Моџтаба Хаменеи и Хасан Хомеини.

По смртта на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини, во 1989 година, Хаменеи беше јавно претставен како негов избран наследник.