Арсовска: Сопственикот на небезбедната зграда во Чаир упати сериозни закани што се пријавени во МВР

Макфакс

23/06/2025

15:48

255

Големина на фонт

а а а

Бујар Аземи – сопственикот на 12-катницата во Чаир за која градоначалничката Данела Арсовска, тврди дека е небезбедна и изградена без документација, одобрение, проект и платени комуналии упатил бројни закани за што е поднесена пријава до МВР, информира Арсовска преку допис до медиумите.

Градоначалничката тврди дека досега се пребројани 61 стан во зградата, сите биле незаконски градени, а постои обид да се легализираат прикажани лажно дека се градени во 2011 со документација фалсификувана од Висар Ганиу и Ејуп Адеми.

„Вчера Бујар Аземи фатен како дивоградбата се обидува нелегално да ја приклучи на водоводна мрежа, а која веќе нелегално ја приклучил на струја, упати бројни сериозни закани за што е поднесена пријава до МВР! Денес до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставуваме уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир, каде се инволвирани повеќе функционери и вработени во општина Чаир.“, вели градоначалничката.

Арсовска додава дека во нормални услови и нормална држава би ги повикала институциите да реагираат веднаш за заканите и насилието од криминалците, ама живееме во Македонија, каде ако не си со тие на власт, ќе си чекаш некој да те убие зашто очигледно знаат дека нема никој да ги спречи.

Арсовска во текот на вчерашниот ден се вклучи на социјалните мрежи од пред зградата. Соопшти дека затекнале луѓе кои веќе живеат таму, а тие на лице место се заканувале на инспекторите од Град Скопје и им ги исекле гумите со нож. Арсовска во преносот вчера рече дека објектот поседува нелегален приклучок на струја и нелегален приклучок на вода.